Се поставуваат нови 40 камери на „Сејф сити“ – еве во кои градови

Започна поставувањето на 40-те камери во рамки на системот „Безбеден град“ во туристичките центри Охрид и Струга, а неговото целосно активирање се очекува пред почетокот на летната сезона.

Според надлежните, новиот систем треба значително да ја зголеми безбедноста во сообраќајот, особено во периодите на зголемен метеж кога овие градови се преполни со туристи и возила. Граѓаните генерално го поздравуваат проектот, оценувајќи дека ќе придонесе за поголем ред и дисциплина на улиците.

„Не сакам да звучи лошо, но навистина има поединци кои се однесуваат неодговорно. Ова е добар потег и треба да се поздрави“, велат дел од анкетираните.

Други посочуваат дека во летните месеци сообраќајниот хаос е речиси секојдневие, особено на „Туристичка“ во Охрид, каде често има неправилно паркирање и гужви. Според нив, системот „сејф сити“ може да донесе ред и поголема контрола.

Граѓаните го споредуваат системот со праксата во европските земји, каде прекршоците автоматски се документираат и казните пристигнуваат на домашна адреса, што според нив влијае на поголема сообраќајна дисциплина.

Во Охрид, камерите ќе бидат поставени во централното градско подрачје, на двата влеза во градот, долж булеварот „Туристичка“, кај Рача, како и на патниот правец кон Свети Наум и плажите. Во Струга, покриени ќе бидат центарот, патиштата кон Дебар, граничниот премин Ќафасан и Калишта.

Видео надзор ќе биде поставен и кај аеродромот, а дополнително четири камери веќе се инсталирани на делницата Кичево-Охрид.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде