Се преврте автобус во Турција – првични информации

Четириесет лица се повредени откако патнички автобус се преврте на автопатот Кирикале – Самсун во Турција, откако возачот изгуби контрола над возилото, објавија денеска турските медиуми.

Несреќата се случила во близина на населбата Кимески, а во автобусот во тој момент имало вкупно 42 лица, вклучително и тројца вработени во транспортната компанија, пренесе „Хуриет“.

На местото на настанот беа испратени екипи на брза помош, полиција, жандармерија, пожарникари, како и припадници на специјални служби.

Повредените патници беа извлечени од автобусот, згрижени на лице место и пренесени во неколку болници во Кирикале.

Според првичните информации, никој од повредените не е во животна опасност.

Полицијата и жандармеријата започнаа истрага за да се утврди причината за несреќата.