Струмица се простува од Димитар Георгиев – Шеки, едно од најголемите фудбалски имиња во градот и играч кој со својот исклучителен талент, атрактивните потези и прекрасните голови остави неизбришлива трага во историјата на Беласица и Тиверија.
Шеки зад себе остави кариера долга повеќе од две децении, исполнета со незаборавни настапи, голови и моменти што со години ќе ги паметат љубителите на фудбалот.
Во дресот на Беласица настапувал во десет сезони, одиграл 236 лигашки натпревари и постигнал 50 голови, со што се вбројува меѓу десетте најуспешни фудбалери во клупската историја според бројот на настапи и постигнати погодоци.
Дебитирал за Беласица во ноември 1971 година, на натпреварот против Балкан од Скопје. Неговиот талент веднаш дошол до израз, па за неговите квалитети се заинтересирале и други клубови, меѓу кои Пелистер и Куманово. Сепак, продолжил да го носи дресот на струмичкиот клуб, а во сезоната 1973/74 со 13 постигнати голови бил најдобар стрелец на тимот.
Неговото име ќе остане запишано во спортската историја на Струмица, а спомените за неговите мајсторски потези и голови ќе продолжат да живеат меѓу генерациите фудбалски љубители.

