Силно невреме беснее во делови од регионот и Европа –  Издадени црвени и портокалови предупредувања

Силни грмежливи бури проследени со град денеска зафатија повеќе сојузни покраини во Австрија, а невремето во текот на попладнето се прошири и кон Словенија.

Австриските метеоролошки служби издадоа црвено предупредување за делови од земјата, додека словенечката Агенција за животна средина (АРСО) прогласи портокалово ниво на опасност за североисточните региони поради можни силни ветрови, обилни врнежи и појава на град.

Црвен аларм во Австрија

Највисоко ниво на предупредување беше издадено за покраините Тирол, Салцбург, Долна Австрија, Штаерска и Корушка. Поради невремето, пожарникарските служби интервенирале на повеќе локации, а некои јавни настани биле прекинати. Меѓу нив е и фестивал во градот Грац, кој бил прекинат поради опасните временски услови.

За силата на невремето сведочат снимките од Никласдорф во округот Леобен, каде што паднал интензивен град. За кратко време земјата била покриена со слој мраз, што потсетувало на снежна покривка.

Бурата се префрли во Словенија

По Австрија, силниот олуен систем ја зафати словенечка Корушка и делови од Штаерска, а потоа продолжи да се движи кон југ.Во Марибор, поради силниот ветер, се урнало дрво на коловозот. Интервенирале локалните пожарникари кои го обезбедиле местото и го отстраниле дрвото.

Штети предизвикани од ветерот се пријавени и во општините Хоче-Сливница, Вузеница и Словењ Градец.

Предупредувања од словенечките власти

Од АРСО соопштија дека силни невремиња се можни во североисточниот дел на Словенија до вечерните часови, поради што останува во сила портокаловото предупредување. За останатиот дел од земјата е активирано жолто предупредување поради можност од локални бури и невреме.

Сообраќајно-информативниот центар ги повика возачите на зголемена внимателност и потсети дека треба да се користат кратки светла, како и дека запирањето во тунели и под надвозници е забрането.

Топлотниот бран продолжува

И покрај невремето, прогнозите најавуваат продолжување на топлотниот бран. Во недела се очекува претежно сончево време со можност за локални попладневни врнежи и грмежи. Температурите ќе се движат од 29 до 33 степени Целзиусови, а во Горишка и словенечка Истра се очекуваат и до 36 степени.

Според прогнозите на словенечката Агенција за животна средина, високите температури ќе се задржат најмалку до почетокот на јули, без позначително освежување.