Според најновата радарска слика на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), на повеќе места во земјава се регистрира атмосферска нестабилност.
Најинтензивни процеси со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и наместа појава на град се забележани источно од Неготино и Скопје.
Според движењето на облачната маса, во текот на наредниот период овие нестабилни процеси се очекува да зафатат делови од Скопската Котлина и подрачјето на Неготино.
Поинтензивна нестабилност е регистрирана и во околината на Општина Градско, каде што исто така има услови за поројни врнежи, грмежи, засилен ветер и локална појава на град.
УХМР препорачува граѓаните да бидат внимателни, особено при движење на отворено и во сообраќајот, поради можните интензивни временски појави.


