Земјотрес со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала го погоди подрачјето на 38 километри северно од египетскиот град Суец, 3 часа по полноќ, соопшти египетскиот Национален институт за истражување на астрономија и геофизика.
Од Институтот изјавија дека не добиле извештаи за жртви или за материјална штета.
Египетскиот министер за здравство, Калед Абдел Гафар, нареди активирање на плановите за итно постапување низ целата земја и упати инструкции службите за брза помош да бидат во состојба на „максимална подготвеност“.
Египетската организација на Црвената полумесечина соопшти дека го активирала својот план за итно постапување во гувернератите каде што се почувствувал потресот. Тие ги повикаа жителите да ги избегнуваат зградите што покажуваат знаци на структурно оштетување и да ги следат официјалните информации додека властите продолжуваат да ја проценуваат ситуацијата.
Германскиот истражувачки центар за геонауки (GFZ) ја процени јачината на земјотресот на 5,4 степени и наведе дека тој се случил на длабочина од 10 километри.
Силните земјотреси се ретка појава во оваа североисточна африканска земја.
Најсмртоносниот земјотрес во поновата историја на земјата се случи во октомври 1992 година, кога потрес со јачина од 5,8 степени го погоди главниот град, при што загинаа повеќе од 500 луѓе, а илјадници останаа без дом.

