По екстремно топлиот ден, со температури близу 40 степени, делови од Македонија попладнево ги зафати нестабилна облачност. УХМР предупредува на локално невреме со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Според радарските мерења на УХМР, силна нестабилна облачна маса навлегла од северозапад и се движи кон југ. Невреме со интензивен дожд, силен ветер и електрични празнења веќе е регистрирано во гостиварскиот регион и планинските предели западно од градот.
Нестабилност е забележана и во поширокиот кичкивски регион, а според прогнозите, во вечерните часови услови за локално невреме ќе има и во делови од Скопската Котлина.
Денеска земјава беше погодена од екстремно високи температури. Најтопло било во Гевгелија, каде максималната температура достигна 39,9 степени, додека во Демир Капија биле измерени 39,2 степени.
Во Скопје, мерните станици на Зајчев Рид и Петровец измериле 38,3 и 38 степени. Температури над 38 степени биле измерени и во Велес и Кавадарци.
Значително посвежо било само во повисоките предели. На Попова Шапка се измерени 22,8 степени, а во Крушево 29,8 степени.
Во четврток времето ќе биде претежно сончево и топло, со мала до умерена облачност и умерен северозападен ветер. Во петок температурите ќе се движат меѓу 32 и 39 степени, со умерен до засилен северен ветер.
За време на викендот продолжува топлото време, но попладневните часови ќе носат зголемена нестабилност. На повеќе места се очекуваат пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а локално временските процеси може да прераснат во невреме со интензивен дожд, силен ветер и појава на град.
Максималните температури во сабота и недела ќе достигнат до 39 степени.

