Американскиот актер Роберт Келкер-Кели почина ненадејно на 62-годишна возраст во својот дом во американската сојузна држава Мисури.
Според медиумските информации, полицијата и итната медицинска помош добиле повик во саботата околу 20:16 часот по локално време, откако било пријавено дека актерот доживеал срцев застој.
Кога екипите пристигнале во неговиот дом во Сент Питерс, Келкер-Кели бил во бесознание и не дишел.
Непосредно пред смртта, актерот наводно се пожалил на силни болки во градите.
Медицинските екипи веднаш започнале со реанимација и напредни мерки за оживување, но и покрај обидите, не успеале да му го спасат животот. Тој бил прогласен за починат на местото на настанот.
Надлежните органи соопштиле дека при првичниот увид не биле забележани индиции кои би упатувале на сомнителни околности.
Официјалната причина за смртта засега не е објавена.
Роберт Келкер-Кели беше најпознат по улогата на Бо Брејди во популарната американска сапуница „Days of Our Lives“, каде што настапуваше од 1992 до 1995 година и се појави во речиси 600 епизоди.
Претходно глумеше и во серијата „Another World“, а подоцна оствари забележителна улога и во „General Hospital“.
Со неговата смрт, американската телевизиска сцена загуби актер кој остави значајна трага во неколку од најпознатите дневни телевизиски серии.

