Томас Милер откри дека во 2015 година можел да го напушти Баерн Минхен и да се пресели во Манчестер Јунајтед, кој тогаш бил подготвен да плати околу 100 милиони евра за неговиот потпис.
Германскиот фудбалер во интервју за „The Late Run Show“ раскажа дека сериозно размислувал за трансферот, особено поради фактот што на клупата на Манчестер Јунајтед седел неговиот поранешен тренер од Баерн, Луис ван Гал.
„Во 2015 година, Манчестер Јунајтед понуди околу 100 милиони евра. Но, јас имав договор, а Баерн кажа – не“, откри Милер.
Тој призна дека во тој период имал идеја да го напушти Минхен токму поради Ван Гал.
„Имав идеја да заминам бидејќи мојот прв тренер Луис ван Гал беше таму“, вели германскиот напаѓач.
Сепак, Милер денес гледа позитивно на одлуката на Баерн да ја одбие огромната понуда. Според него, тоа било големо признание од клубот дека го смета за исклучително важен дел од тимот.
„Бев и среќен што Баерн кажа не, бидејќи тоа беше големо достигнување што одбија 100 милиони евра. Во суштина, ми кажаа: ‘Ти си нашиот човек’“, раскажа Милер.
И покрај огромниот интерес од Манчестер Јунајтед, Милер остана во Баерн и стана еден од најпрепознатливите фудбалери во историјата на германскиот гигант.

