Двојно убиство во соседството: Маж ги убил сопругата и пријателот, трето лице е рането

Двојно убиство го потресе косовскиот град Гњилане, откако маж застрелал две лица, меѓу кои и неговата сопруга, а уште едно лице било повредено во пукањето.

Според информациите од косовската полиција, инцидентот се случил денеска околу 14:25 часот во селото Доњи Ливоч, во близина на Гњилане. Полициските екипи веднаш излегле на местото на настанот, каде во автомобил било пронајдено телото на маж на возраст од околу 30 години.

Жена на приближно иста возраст била пренесена во Општата болница во Гњилане, но и таа била без знаци на живот. Според првичните информации, се сомнева дека била застрелана од истиот осомничен.

Во пукањето било повредено и трето лице, кое по укажаната прва помош во Гњилане било префрлено во Универзитетскиот клинички центар на Косово за понатамошно лекување. Осомничениот се предал на полицијата, а при полициските активности било одземено огнено оружје за кое постои сомнение дека било употребено во нападот.

Според првичните медиумски информации, постојат сомневања дека настанот бил поврзан со семејни проблеми и барање за развод, но овие наводи засега не се официјално потврдени.

Косовската полиција, во координација со обвинителството, продолжува со истрагата за да ги утврди сите околности на двојното убиство и мотивот за нападот.