Потресна изјава на Талески: Ноќта пред натпреварот мислев дека ќе умрам, ја разбудив сопругата и ѝ велам ‘умирам’!

Доскорешниот член на Вардар, Филип Талески, како гостин на подкастот „Лазаров“, зборуваше за турбулентната сезона во Вардар,

за него последна пред да замине во Бенфика, за тоа како не ја одбранија титулата, но и за едно искуство пред мечот со Алкалоид, кој се покажа клучен, а за кое никој не знаел.

Талески сподели дека примал инфузии на час-два до стартот на мечот, затоа што ноќта необично многу му се слошило.

„Пред мечот со Алкалоид бевме излезени со тренерот Недановски фамилијарно, децата си играа.

Се разделивме, ајде утре да биде сè како што треба на натпреварот, но кога се вративме дома јас некако како да почувствував некоја немоќ.

Цела вечер ми беше толку лошо, никогаш не ми било така. Заспав и во еден момент се разбудив од сон и си викам што е ова ќе умрам?! Буквално така. Ја будам сопругата и ѝ велам ‘умирам’! Таа ме гледа само, ‘ќе умирам готово’! Сабајле се јавив директно кај докторите, не се јавив ни кај тренерот ни кај никој друг и им кажувам како е работата ‘ве молам инфузија веднаш’.

Не знам што ми беше, немав температура, но телото не го чувствував, ми се срози. Потоа пред натпревар повторно бев на инфузија во Градска болница и оттаму заминав на натпревар.

Никој не знаеше, потоа му кажав на тренерот да знае што се случи. Не можам да кажам дека бев лош, но не можев максимумот да го дадам бидејќи телото беше премногу исцрпено.

Јас не бев на нивото, но и другите играчи беа некако…така. Дали не очекувавме толкав отпор од нив? Не знам…“, сподели Талески.

Тој натпревар Вардар го загуби со 21-22, што практично беше главната причина за загубата на титулата, потоа потврдена со поразот и во Битола, кај Пелистер.

Целиот подкаст можете да го проследите на овој линк. Во него зборува и за немилиот настан во Охрид, кога полицаец го удри со пендрек, за заминувањето во Бенфика, за понудите кои ги имал додека бил во Вардар, но и за работите кои не „штимаат“ во репрезентацијата.

Извор: sport1.mk

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде